Ставрески: Се бара решение за гасификација на Македонија
02.12.2014 19:06
Иднината на Јужен тек е во рацете на Русија и на Европската унија, така што не е прашање на кое ние може да влијаеме...

Се работи на изнаоѓање алтернативно решение за гасификација на Македонија, информира денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него, Русија нема да може да го имплементира проектот Јужен тек, со кој требаше да се изгради гасовод под Црното Море до Бугарија и Јужна Европа, поради противењето на Европската унија.
Иднината на Јужен тек е во рацете на Русија и на Европската унија, така што не е прашање на кое ние може да влијаеме. Можеме да ги следиме состојбите, и ние работиме, работевме и ќе работиме на изнаоѓање алтернативни решенија. Сметам дека постојат такви и во догледна иднина Владата ќе информира за прогресот во однос на изнаоѓање алтернативи, односно изнаоѓање други извори и други пристапи за гас за Македонија, изјави Ставрески.
