Успешна првата фаза од тестирањето на вакцината против ебола

03.12.2014 10:56

Првата фаза од тестирањето на вакцината против ебола на луѓе е успешна, па во наредната втора фаза ќе се тестира во Западна Африка. Македонската телевизија ексклузивно разговараше со Директорот на Центарот за епидемиологија во Националните Институти за здравје во Мериленд, каде успешно беше употребен и лекот за лечење на заболената медицинска сестра од ебола...

Вакцината против ебола „Глаксосмитклајн“ покажала успешни резултати при првата фаза од тестирањето врз 20 волонтери, па на почетокот на 2015-та ќе започне да се тестира и врз луѓе од најпогодените земји во Западна Африка. Во Националните Институти за здравје во Мериленд успешно беше употребен лекот против ебола при третманот на заболената медицинска сестра Нина Фем.

„Употребивме терапија за поддршка при лечењето на пациентот. И дававме преку инфузија течности и лекови за поддршка на клиничкиот статус на пациентката. Таа и претходно беше хоспитализирана една недела пред да дојде на лекување кај нас, а ние ја отпуштивме во добра здравствена состојба излечена од ебола“, изјави за МРТ Тара Палмер, директор на Центар за епидемиологија.

Центарот за епидемиологија при Националните Институти за здравје во Бетезда е врвна установа со најстроги критериуми за заштита од заразни болести, но сепак во овој центар може да се лекуваат истовремено само двајца пациенти заболени од ебола, открива директорката на центарот.

На прашањето кога се очекува епидемијата од ебола да биде ставена под контрола, директорката со оценка:

„Би сакала да знев. Се надевам во Новата година“, вели Палмер.

И покрај првичните успеси, научниците од Националните Институти за здравје ги очекува уште многу работа пред вакцината и лекот за ебола да станат широко употребувани.

Во состав на Националните Институти за здравје во Бетезда, Мериленд има 27 институти и центри и најголемата истражувачка болница во Америка.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ