„Делфинови солзи во ветрот“ на Александар Пејовски премиерно со Македонската филхармонија

03.12.2014 11:04

Оваа композиција на Пејовски победи на првиот конкурс за творби од областа на класична музика на Министерството за култура за 2014 година...

„Филхармонија на кирилица“ е насловот на претстојниот концерт на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи утревечер во Македонската опера и балет во 20 часот. Под диригентство на маестро Борјан Цанев, оркестарот премиерно ќе го изведе најновото симфониско дело на еден од најплодните македонски композитори од поновата генерација, Александар Пејовски - „Делфинови солзи во ветрот- големиот бран“. Оваа композиција на Пејовски победи на првиот конкурс за творби од областа на класична музика на Министерството за култура за 2014 година.

На концертот, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, како солисти ќе се претстават четворица истакнати македонски уметници од различни генерации - Божидар Пејиќ, виолончело, Михајло Куфојанакис, виолина, Нинослав Димов, саксофон и Марија Ѓошевска, пијано, кои ќе изведат дела од Чајковски, Мијо и Шуман.

Филхармонијата ќе изведе уште едно македонско симфониско дело - „Психофонија 1“ од влијателниот композитор Ристо Аврамовски.

„Филхармонија на кирилица“ е своевидна увертира кон централното одбележување на големиот јубилеј - 70 години Македонска филхармонија, кој ќе се случи на 18 декември.

Ова е уште еден од низата концерти кои Македонската филхармонија им ги посветува на македонските музички уметници.

Циклусот „Кирилица“ ќе продолжи и во претстојната 2015-та година, со што се дава посебен акцент на афирмацијата на македонското музичко творештво и исполнителство.