До 15-ти декември поднесување барања за приватизација на земјиште во државна сопственост

03.12.2014 11:28

Граѓаните и фирмите во одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности да го проверат статусот на земјиштето кое го користат и доколку истото е сопственост на Република Македонија, со запишано право на користење на нивно име, да поднесат барање...

Рокот за поднесување на барањата за приватизација на земјиште во државна сопственост истекува на 15 декември годинава, информираат од Министерството за финансии.

Од таму апелираат граѓаните и фирмите во одделенијата на Агенцијата за катастар на недвижности да го проверат статусот на земјиштето кое го користат и доколку истото е сопственост на Република Македонија, со запишано право на користење на нивно име, да поднесат барање за приватизација до подрачното одделение на Управа за имотно-правни работи во општината на чие подрачје се наоѓа земјиштето.

Правото да поднесат барање за приватизација имаат оние кои правото на користење на градежното земјиште го имаат стекнато со правна основа, по основ на сопственост на објект стекнат со правна основа заклучно со септември 2001 година, а не се запишани како корисници на земјиштето во Катастарот на недвижности.