Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Атина

03.12.2014 11:42

Демонстрантите поставија барикади на неколку улици околу атинскиот Политехнички универзитет, а полицијата употреби солзавец и гранати за зашеметување за да ја растера толпата...

Шестмина уапсени, запалени автобуси и автомобили е билансот од вчерашните протести и судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Атина.  
 
Протесниот марш кој се одржа во неколку града е во знак на подршка на затвореник кој е обвинет за грабеж на банка, Никос Романос (21), кој штрајкува со глад од 10 ноември, откако беше одбиен вонредно да слуша предавања на Техничкиот универзитет на кој беше примен.
 
Демонстрантите поставија барикади на неколку улици околу атинскиот Политехнички универзитет, а полицијата употреби солзавец и гранати за зашеметување за да ја растера толпата.
 
И покрај дождот, во маршот учествуваа многу луѓе, меѓу кои и членови на подмладокот на главната опозициска Радикална левичарска коалиција (Сириза) и на Комунистичката партија на Грција (ККЕ).
 
Протестни маршеви за Романос се одржаа и во Солун, Патрас, Јанина и на Крит.