Фудбал

УЕФА ги отфрли жалбите на Србија и на Албанија

03.12.2014 12:31

Комисијата на Европската фудбалска унија за жалби не ја промени одлуката на Контролната и Дисциплинска комисија, којашто го регистрираше мечот со службени 3-0 за Србија...

Второстепената комисија на УЕФА ги одби жалбите на фудбалските сојузи на Србија и на Албанија за изречените казни поради инцидентите на прекинатиот евроквалификациски натпревар во Белград на 14 октомври.

Комисијата на Европската фудбалска унија за жалби не ја промени одлуката на Контролната и Дисциплинска комисија, којашто го регистрираше мечот со службени 3-0 за Србија, но истовремено ја казни оваа репрезентација со одземање три бода во квалификацискиот циклус. Два меча во него треба да одигра без публика, а двата фудбалски сојуза добија и парични казни од по 100.000 евра.

Во текот на вчерашниот ден, Комисијата за жалби го Нион ги сослуша официјалните лица коишто ја претставуваа УЕФА на натпреварот и претставниците на двете федерации. Писмено образложение за одлуката ќе достави до 25 декември.

На фудбалските сојузи на Србија и на Албанија им преостанува уште можноста да се жалат до Независниот спортски суд во Лозана.

Натпреварот Србија-Албанија на 14 октомври беше прекинат пред крајот на првото полувреме при резултат 0-0, кога над теренот на стадионот на Партизан се појави беспилотно летало со знамето на Голема Албанија, по што уследија инциденти.