МЗТ во Куманово, Работнички со Кожув
Поради викенд-настапите во регионалната АБА, МЗТ преку недела ги игра мечевите од прволигашката конкуренција. Во специфичен дел од сезоната, денешниот му е сигурно еден од најтешките...

Екипите од „големата четворка“ во македонската клупска кошарка, коишто отворено претендираат напролет меѓу себе во плеј-офот да разигруваат за шампионската титула, денеска ќе се судрат меѓу себе во раната фаза од домашното првенство. Од 19 часот првакот МЗТ Скопје Аеродром ќе му гостува на Куманово, а Работнички ќе го пречека Кожув.
Поради викенд-настапите во регионалната АБА, МЗТ преку недела ги игра мечевите од прволигашката конкуренција. Во специфичен дел од сезоната, денешниот му е сигурно еден од најтешките. На „жешкиот“ терен во Куманово, со фанатичната поддршка од трибините, домаќините ќе сакаат да го повторат она што досега им успеа на Фени Индустри и на Кожув, да триумфираат над актуелниот шампион. Со оглед дека досега запишаа два пораза, а на „зелена маса“ избегнаа дебакл во вечното дерби против Работнички, Аеродромци го потрошија кредитот и немаат право на нови киксови. Токму во таквиот императив на противникот, Куманово ја гледа шансата и тоа само четири дена откако против Работнички долго даваше силен отпор, но не успеа да избегне неуспех во „Градски Парк“.
Најтрофејниот македонски клуб, пак, против Кожув ќе ја издржи казната од еден натпревар играње без публика, поради инцидентите на прекинатото дерби со МЗТ Скопје. Гевгеличани доаѓаат во главниот град „ранети“ по саботниот неочекуван пораз од аутсајдерот Струмица и празните трибини можат да им бидат олеснување. Работнички е единствениот тим во лигата без пораз на теренот досега и барем засега не му се одразува врз резултатите тоа што на клупата го нема тренерот Докузовски и неговиот помошник Србиновски, коишто „командуваат“ од трибините.
