„Човекот кој го изеде светот“- брутална приказна со нежни зборови
На 5-ти декември во Драмскиот театар премиерно ќе биде изведена претставата „Човекот кој го изеде светот“ во режија на младата Билјана Радиноска, по текст на германскиот автор Нис-Моме Штокман, еден од најпоставуваните текстови на европската сцена...

Драмското дејствие го носат ликовите. Ликовите ја носат и приказната и воедно таа ги носи нив. Потребата да се проговори за човекот денес, за неговото согледување на самиот себе и на се околу него е темелот на овој драмски текст, вели младата режисерка Билјана Радиноска за еден од најпоставуваните текстови на европската сцена.
Леснотијата на говорот низ која е раскажана приказната само ја остава тежината да лебди меѓу репликите. Авторот не го бара виновникот за текот на приказната, туку само темелно ги анализира структурите кои водат до пропаст на еден свет. И овој пат, проверена екипа од актери.
„Можеби го чекав овој лик, навистина беше предизвик за мене“, вели актерот Диме Илиев.
„Големо задоволство ми е и тоа што токму првата претстава во Драмскиот театар, ја работев со Диме Илиев“, вели актерот Игор Стојчевски.
Претставата ќе раскаже за потребата да се посочи виновникот за несреќните околности и немоќта што ја носи фактот дека вината за себе, во себе се наоѓа. Човекот кој го изеде светот е безмилосно брутална и јака приказна со нежни, секојдневни зборови.
Александра Перевска