Ден на лица со посебни потреби: Конкретни мерки за подобрување на статусот на лицата со хендикеп
Надлежните со нови програми за подобрување на животот на овие лица. Од средината на 2015 сите деца со Даунов синдром ќе добиваат месечен додаток...

Трето одделенците од скопското посебно основно училиште „Иднина“ ја знаат приказната за дедото и репката. Нивниот дефектолог Татјана вели, успехот доаѓа, но бавно. Со секој ученик се работи поединечно.
„Работиме на адаптирани програми од бирото за развој на образование, но ние програмите ги адаптираме на можностите на учениците. Се работи на развивање на моториката, говорот кај учениците“, вели Татјана Митковска, дефектолог во Посебно основно училиште „Иднина“.
И концентрацијата на часот е проблем, мора да се учи. Читањето и пишувањето доаѓаат подоцна.
„Конкретно мојата паралека е со намалено внимание и конецнтрација. Работиме на тоа да ги научиме да седат на столче, да внимаваат“, вели Соња Божиновска, дефектолог.
Над 100 ученици со интелектуални пречки, пречки во развој и аутизам се дел од образованиот процес во училиштето. Макотрпната работа на наставниците и родителите дава резултати.
„Имаме случаи кога деца по завршување на ова основно училиште се запишуваат во средно стручно училиште. Таму го завршуваат образованието и се вклучени во општестевни активности, добро се социјализирани“, изјави Анета Петровска, директор на Посебно основно училиште „Иднина“.
Но, физичките бариери, немањето на толкувачи на знаковен јазик се дел од проблемите кои се провлекуваат со години. Надлежните со нови програми за подобрување на животот на овие лица. Од средината на 2015 сите деца со Даунов синдром ќе добиваат месечен додаток.
„За 25 проценти ќе се зголеми и месечниот додаток кој се дава на родители на деца со пречки во развојот“, рече Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
До крајот на наредната година лицата со посебни потреби ќе бидат ослободени или ќе им бидат вратени 80 проценти од царината и данокот за купување возило за сопствени потреби. Вработувањето, исто така, е проблем што треба да се реши.
„Објективно гледано треба да се отворат работни места за лицата со посебни потреби со оглед на тоа што има фирми во Македонија кои имаат вработено над 35 лица“, вели Бранимир Јовановски, претседател на Сојуз на лица со посебни потреби.
Се проценува дека во Македонија околу 200 илјади граѓани имаат некој вид инвалидитет. Во светот нивниот број надминува 1 милијарда.
Наташа Јанчиќ
