Нема што да се загуби

03.12.2014 15:45

Речиси невозможна мисија ако се знае актуелниот сооднос на силите особено по прогресот на Исланд последните години и неколкуте интернационалки главно од данскиот шампионат во нивниот состав...

Само со победа и тоа изразена со повеќе голови разлика нашата најдобра женска ракометна репрезентација ќе ги задржи шансите за евентуален пласман во бараж двомечите за настап на светското првенство во Данска идната година. По двата пораза од Италија шансите беа сведени на минимум, но нашиот вечерашен противник Исланд со двете победи над италијанките ја врати во игра нашата селекција, иако шансите и натаму остануваат минимални.

Исланд и Италија имаат по 4 бода, островјанките и одлична гол разлика од плус 15, што претпоставува дека на нашите ракометрки за освојување на првото место во групата не само што им се неопходни 2 победи туку тие треба да бидат изразени со најмалку 12 голови вкупна разлика.

Речиси невозможна мисија ако се знае актуелниот сооднос на силите особено по прогресот на Исланд последните години и неколкуте интернационалки главно од данскиот шампионат во нивниот состав.Токму улогата аутсајдер и фактот дека нема што да се загуби можат да бидат дополнителен мотив за нашите ракометарки, иако во врвниот спорт се поретко недостатокот на квалитет се анулира со желба и борбеност. Но, се додека постојат шанси постои и надеж. Реални или не дефинитивно ќе се знае вечерва.

Од 20 часот и 30 минути во Рејкјавик се игра првиот натпревар од двомечот Исланд-Македонија по кој дефинитивно ќе се знае дали саботниот реванш во Скопје ќе биде решавачки или само формалност.