Ден на дрвото: Со пет милиони нови садници им се кажа „Стоп на катастрофите“

03.12.2014 16:17

На површина од над илјада хектари се засадија околу 5 милиони дрвца. Времето денеска се погоди за да успеат садниците, велат од Македонски шуми. Искуствата покажуваат дека овој период климата повеќе одговара. Така за разлика од пролетните, во есенските акции 60 проценти од садниците успеваат...

Ученици, административци, војници, пензионери, денеска масовно се вклучија во збогатување на шумскиот фонд. Дадоа придонес во спречување на катастрофите. Во скопско Миладиновци на површина од 10 хектари се засадија 35 илјади дрвца.

Калливиот и непрооден терен за многумина не беше пречка да стигнат до локацијата за пошумување.

„Успеавме без поголеми потешкотии да дојдеме до овој терен, малку беше влажно, но успеавме да ги засадиме садниците“, вели учесник во акцијата „Ден на дрвото“.

Пред три години Миладиновски рид го зафати голем пожар. Беа уништени околу 10 хектари шума.

На површина од над илјада хектари се засадија околу 5 милиони дрвца. Времето денеска се погоди за да успеат садниците, велат од Македонски шуми. Искуствата покажуваат дека овој период климата повеќе одговара. Така за разлика од пролетните, во есенските акции 60 проценти од садниците успеваат.

„Ова денеска што се случува е повик до граѓаните. Тоа трае еден ден. Сигурно дека сите количини од пет милиони садници не можат да се засадат во еден ден. Обврската е наша, ние тоа го планираме до крајот на оваа година, ако не и порано да ги пошумиме сите“, вели директорот на ЈП Македонски шуми, Жарко Караџовски.

Акцијата Денот на дрвото се реализира седма година. Почна во март 2008 година и досега се засадени околу 30 милиони дрвца.

Со засадување на само едно дрвце придонесуваме за создавање здрава и чиста животна средина за нас и нашите поколенија.

 

Сунчица Николовска