Охрид ќе ги освојува кинеските туристи

03.12.2014 16:29

Градоначалникот Бакрачески ја најави групата тур-оператори и медиумски работници од оваа земја кои низ репортажа ќе ги прикажат убавините на градот и предностите да се одмара во него. Истовремено се најавува и продор кон британскиот туристички пазар..

Во април се очекува  Охрид  да биде преплавен со кинески тур-оператори и новинари на државната телевизија на градот Далиан. Екипите ќе подготват репортажа за македонскиот културен, духовен и туристички центар, која во соработка со другите државни телевизии неколкукратно ќе можат да ја видат околу 100 милиони жители.

Воедно Охрид во иднина ќе може да ги користи искуствата во областа на туризмот на Далијан,бидеќи во тој град годишно доаѓаат 53 милиони туристи,од кои еден милион и триста илјади од прекуокеанските земји.

„Бирото за туризам на Далиан, заедно со локалните власти ќе помогнат во промоцијата на Охрид и во претставувањето на градот пред кинеските тур-оператори, кои навистина покажаа сериозен интерес да го вклучат Охрид, како една од дестинациите на нивните европски тури“, изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Охрид уште со една новина за привлекување туристи. Општинскиот совет уште оваа недела ќе донесе одлука за субвенционирање на една авиолинија, кон пребирливите Британци, која во 2015-та ќе биде од сезонски карактер, а во иднина ќе биде редовна линија.

Тоа ќе биде аеродромот Лутон во Англија, со која имаме намера да привлечеме голем број англиски туристи,кои важат за едни од најдобрите потрошувачи. Во истовреме владата на Република Македонија ќе објави оглас со кој што ќе субвенционира уште една линија од охридскиот аеродром“, додаде градоначалникот Бакрачески.

Само со авиолинијата од Лутон до Охрид се очекува да се привлечат повеќе од 25 илјади туристи од Велика Британија во наредните три години, што ќе биде од огромно значење за развојот на туризмот.

 

Сашо Нелоски