Системот за превенција од насилство ќе се унапредува со законски измени

03.12.2014 16:46

Се заоструваат санкциите по зачестените инциденти со смртни последици во кои беа вклучени припадници на безбедносните сили...

За да се превенира, но и спречи насилството од службени лица кои поседуваат оружје, владата наложи ресорните министерства во чии редови има вработени со службено оружје да направат измени во законите со кои најнапред ќе се превенира, но и спречи неовластена употреба на службеното оружје.

Социјалните служби треба да ја алармираат институцијата за сторен прекршок на нејзин вработен. На лицето ќе му се одземе оружјето, но додека трае постапката ќе биде и суспендиран. Низа  други постапки се предвидуваат како превенција.

„Веднаш по ваквото известување и временото одземање на оружјето треба да се направи задолжителен вондреден лекарски преглед од стручни лица, доктори, психолози, психијатри, кои треба да дадат проценка на моменталната состојба на лицето, кое е осомничено дека извршило или било учесник во определен прекршок или кривично дело кое вклучува елемент на насилство“, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.

Во целост ќе бидат предвидени и постапките за утврдување на сомневањата со цел да се превенираат тенденциозните и неосновани пријавувања на службените лица. Поголеми овластувања ќе добие и воената полиција, односно ќе може да врши истрага за нејзин припадник и надвор од касарните, што не беше случај до сега.

Заострување на санкциите и раната превенција од насилство на службените лица, доаѓа  кратко време откако во земјава се случија две тројни убиства за кратко време каде извршители беа поранешен  полицаец и професионален војник.

 

Миле Ристески