Груевски: Помина времето во кое СДСМ можеше да манипулира со народот
Според Груевски, сосема е јасно како „Фокус“ дошол до идејата за овие обвинувања и порача – помина времето во кое СДСМ можеше да манипулира со народот...

Со измислени афери за фалсификување пасоши, СДСМ не може да ја манипулира јавноста. Тоа е груб обид за да се наметне некому вина дека фалсификувал 200 илјади патни исправи- изјави премиерот Никола Груевски. Според него, сосема е јасно како „Фокус“ дошол до идејата за овие обвинувања и порача – помина времето во кое СДСМ можеше да манипулира со народот.
„Мене ми е жал што оваа генерација политичари во СДСМ цврсто се убедени дека со манипулации, монтажи, со негативна енергија со лепење измислени афери на луѓето, со некакви местенки може да дојде до власт и да ја освои довербата на граѓаните. Нас како ВМРО-ДПМНЕ ни одговара нивното однесување, бидејќи ние сме убедени дека на тој начин тие не може да успеат, но не е здраво за демократскиот амбиент за земјава кога имате застранета опозиција што не е фокусирана на нови идеи, нови проекти“, изјави премиерот Груевски.
Груевски тврди дека во денешно време не може да се фалсификуваат пасоши.
Образците за патни исправи во МВР се чуваат под строг надзор, каде пристап имаат само вработените. Досега оттаму не исчезнал ниту еден оригинален бланко образец за лични документи.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска повторно апелираше ако некој поседува што било што му личи на патна исправа да го достави и МВР да направи анализа, да провери и да се отстранат сите сомнежи.
Наташа Гркова- Петрушевска
