Среде град- мала шума во дворот

03.12.2014 17:33

Прилепско семејство во дворот си направило мала шума. Дрвјата го штитат и го красат, а сопственикот вели, им дарува љубов. Засадувањето дрво е како човекот сам да пушта корен во земјата...

Среде град си има своја шумичка. Во дворот на семејството Талески сте како во зимзелена шума. Само на чекор од една од најфрекфентните прилепски улици. Повеќе од 20 години поминаа откако 72 годишниот пензионер Кире ги засадил дрвјата.

„Имам чемпрес, елка, смрека. Отсекогаш сум бил љубител на зеленото, на она постојаното, иглолисното. Сакам постојано да биде зеленило“, вели Кире Талески, пензионер.

Секое дрво со приказна и носталгично сеќавање. Кедарот е од Макарска, Чемресот е прилепски, Смреките од Борула каде работел, Елката е донесена од Пелистер. Палмата од топол крај. Дрвото е како човекот. Дарува живот, се возвраќа со љубов.

„Ако му дадеш љубов, ќе ти врати со развиеност, со зеленило. Тоа значи, пред се, поради тоа што сум сакал, а друго што ме штити. Јас сум на самата улица која постојано е доста фрекфентна, во прашина, а тие ме штитат од прашината“, вели Талески.

Во дворот на Талески со децении се менувале дрвјата. Како генерациите станари во куќата. Со акциите за пошумување или со секое дрво во дворот и човекот се дал себе си, пуштил корења.

„Да си поставил живот. Тоа потсетува, прво на времето. Оној кој го садел секогаш ќе се сеќава дека тоа дрво го посадил“, вели Талески.

Талески сака на внуците да им остави плодови. А заедно ја чекаат првата снежна покривка на својата мала шума во дворот.

 

Елизабета Митреска