Последни подготовки пред премиерата во новиот театар во Велес

03.12.2014 18:16

Се бројат деновите кога „Најважната работа на светот“ ќе ја погледат љубителите на театарската уметност. Оваа премиера за македонската театарска уметност е почетокот на модерниот театар во Велес. Актерите за прв пат официјално ќе заиграат на најсовремената сцена во Македонија, и пошироко...

Во завршна фаза се подготовките за „Најважната работа на светот“, претставата со која ќе биде отворена новата зграда на велешкиот театар. Режисерот Ѓеоргиевски најавува уребесна комедија која долго ќе ја забавува публиката.

„Театарот ќе вдоми една од пиесите која е реткост во македонската драмска литература, а тоа е баш автентичен комичен жанр“, рече режисерот Љубиша Георгиевски.

За публиката најпосакувана, за авторот, режисерот и актерите, комедијата била  најтешкиот жанр за работа. Оваа генерација на актери во велешкиот театар имала  гурмански апетит за правење комедии.

„На секоја проба јас сум многу среќен затоа што успевам да се изненадам и мојот текст да го видам во сосема поразлично светло“, изјави авторот Братислав Димитров.

Во Велес, театарот има своја традиција, токму затоа и очекувањата се огромни.

„Во рамки на преставата ќе бидат прикажани сите можности кои ги нуди технологијата во големата сала, значи сценската технологија која е вградена, самата ротација, движењето на сцените“, изјави министерката Елизабета Канческа- Милевска.

До крајот на оваа недела ќе биде познат и датумот за премиерната изведба. Потоа очекувањата се секојдневно подигнување на завеста на големата или малата сцена.

„Да и возвратиме на нејзината безгранична љубов, внимание и посвета која не додржа до ден денес да дојдеме до овој момент да имаме одлични услови за театар“, смета Јордан Витанов, директор на велешкиот Народен театар.

Новата театарска зграда во Велес, според театарските работници е една од најсовремените не само во Македонија, туку и во регионот.

 

Дијана Иванова