Југоистокот од Македонија доби Деловен центар за поддршка на малите и средни претпријатија

04.12.2014 11:00

Проектот е финансиран од УНДП во соработка со Министерството за локална самоуправа и Центарот за развој на југоисточниот плански регион. Бизнисмените и оние кои сакаат да почнат бизнис, во канцеларијата може да ги добијат сите податоци за успешно работење...

Малите и средни претпријатија од Југоистокот добија бизнис центар за поддршка. Таму, бизнисмените ќе посетуваат обуки и работилници за нивно поефикасно работење, а експерти ќе им помагаат за совладување на административните проблеми.

Градоначалниците од Југоитокот сметаат дека овој проект може да ги охрабри стопанствениците и да ги подобри условите за работа.

„Ќе им послужи на сите граѓани на кои им е потребна било каква информација, а секако од помош ќе им биде на сите граѓани да го поттикнеме вработувањето“, изјави Ванчо Стојанов, градоначалник на Василево и претседател на Советот на југоисточниот плански регион.

„Ќе можеме дополнително да асистираме во секојдневните, пред се административни, но и суштински проблеми со кои се соочуваат малите и средни претпријатија“, рече градоначалникот на Струмица, Зоран Заев.

Целта на бизнис центрите кои ги има низ пет региони во Македонија е стимулирање на малите и средни претпријатија кои се главен економски погон, велат од УНДП.

„Целата оваа идеја е дека ние ги гледаме малите и средни претпријатија како клучни фактори во развојот, затоа што тие создаваат нови работни места, но исто така и преку нив заедниците и општините остануваат заедно и во контакт“, смета Луиза Винтон, претставник на УНДП за Македонија.

Освен обука и поддршка, бизнисмените може да добијат и помош за апликации пред европските фондови. Од Центарот велат дека има отворени финансики инструменти кои многу ретко се искористуваат од малите и средни претпријатија.

„Европските фондови се достапни за нив, но тие не можат да ги искористат бидејќи немаат доволно информации и не можат да ги искористат тие финансиски средства. Затоа нашите луѓе ќе бидат тука да ја дадат таа поддршка за идна поголема искористеност“, вели Жулиета Ѓуркова, Центар за развој на југоисточниот плански регион.

Центарот ќе подготви и интерактивна база на податоци со социоекономските параметри на десетте општини од југоистокот и слободните места за инвестирање.

 

Катерина Давчева