Почнува 4-от Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“
На, фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Ако сите светат, ти блескај“, ќе бидат прикажани најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата...

Четвртиот Меѓународен фестивал за анимиран филм „Анимакс Скопје Фест“ почнува денеска во Кинотека на Македонија, со проекција на анимирани филмови за деца. Вкупно 52 филмови од 17 земји ќе бидат прикажани во официјалната програма, што од денеска до 6 декември ќе се одржи во Скопје.
На, фестивалот, кој годинава ќе се одвива под мотото „Ако сите светат, ти блескај“, ќе бидат прикажани најдобрите и најнови филмови од светот на анимацијата, со оглед дека поголем дел од нив се носители на престижни награди и победници на реномирани фестивали во светот. Селекцијата на фестивалот е извршена од досега рекордни 326 пристигнати анимации од разни делови од светот.
Годинава за главните награди-златна, сребрена и бронзена тула, ќе одлучува четиричлено жири во кое ќе има двајца застапници од Македонија - Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Кинотека на Македонија и Диме Ратајкоски, главен и одговорен уредник на МРТ, како и гостите Андреј Рубетској светски афирмиран аниматор од Русија и Дорис Бауер коосновач на Автсрискиот филмски фестивалски форум.
Фестивалот се отвора со филмот „The Wait Of May“ (Чекајќи го мај) на бардот на италијанската анимација Симоне Маси, кој е наградуван и автор на постерот за овогодишното издание на Venice Film Fest. На првата вечер на фестивалот ќе се претстави и македонскиот аниматор Иван Ивановски со филмот „Конзо“.