Пливање – СП Катар

Втор државен рекорд на Блажевски, трет за македонскиот тандем на СП

04.12.2014 11:33

Тоа е втор државен рекорд за Блажевски по вчерашниот на 200 слободно или вкупно трет, заедно со оној на Горазд Чепишевски на 100 метри грбно...

На светското првенство во 25 метарски базени во Доха, македонскиот репрезентативец Марко Блажевски собори уште еден рекорд на Александар Маленко. Во трката на 400 метри мешано беше убедливо најдобар во својата група и оствари време од 4 минути, 13 секунди и 4 стотинки што е за дури 6 секунди и 85 стотинки побрзо во однос на досегашниот македонски рекорд поставен на 30 ноември 1995 година во Рио. Тоа е втор државен рекорд за Блажевски по вчерашниот на 200 слободно или вкупно трет, заедно со оној на Горазд Чепишевски на 100 метри грбно.   
 
Тандемот македонски репрезентативци кои ги предводи тренерот Боро Блажевски во следните денови ќе се појави уште неколкупати во водите на “Хамад Акватик“ центарот во главниот град на Катар. Утре Марко ќе плива на 200 метри мешано а Горазд на 50 грбно, при што очекуваме нов лов на рекорди. До крајот на првенството Блажевски го очекуваат уште трките на 100 и на 200 метри делфин, а специјалистот за грбно пливање Чепишевски ќе плива уште на 200 метри во омилениот стил.