Кошарка – НБА
Атланта е во победнички ритам
04.12.2014 11:51
Хокс имаат 4 победи во низа, односно 6 на последните 7 средби...

Перо Антиќ имаше учинок од 4 поени, 1 дефанзивен скок и три загубени топки, со реализација 1/2 за два, 0/2 за три и 2-2 за 1 поен, во победата на Атланта кај Мајами (112:102). Најдобар кај победникот беше Тиг со 27 поени, 5 скока, 6 асистенции и 3 украдени топки. Хокс имаат 4 победи во низа, односно 6 на последните 7 средби.
Ова е втора победа за Хокс сезонава против размонтираниот финалист, кој што дома има 6 порази и 4 победи. Гостите беа само трет противник во последните 66 меча на паркетот на Хит, што победил кога домаќинот шутира со 56% или со подобра реализација од поле.
Шампионот Сан Антонио падна во продолжението кај Бруклин. Нетс славеа против Спарс со 95:93 и ја прекинаа серијата од 8 победи на тексашаните. Мирза Телетовиќ одигра застрашувачка партија, со сезонава рекордни 26 лични поени и со најдобриот скокачки учинок во кариерата, 15 прифатени топки. Дени Грин имаше 20 поени и 10 скокови кај поразената екипа.
Продолжение играа и Бостон и Детроит, победија Селтикс со 109:102. Филаделфија конечно победи, со 85:77, кај Минесота, за прв триумф на Сиксерс во 18 средби. Додека Клиперс газат, демолирајќи го и Орландо со 114:86, Лејкерс и натаму тонат, со поразот од Визардс од 111:95.
На другите средби, Чикаго победи кај Шарлот со 102:95, Хјустон против Мемфис со 105:96, Далас кај Милвоки со 107:105 и Јута беше декласирана од Торонто со 104:123.
