ЕУ ќе соработува со земјите од регионот во креирање на Централна транспортна мрежа
Денеска во Скопје се одржува 10-от Годишен состанок на транспортната опсерваторија на ЈИЕ – СЕЕТО...

Слабите железнички услуги, недоизградената патна инфраструктура и нивното слабо одржување се главните бариери за поголем прилив на странски инвестиции во земјите на Западниот Балкан, вели еврокомесарот за транспорт Виолета Булц и затоа Европската комисија ќе соработува со земјите од регионот во креирање Централна транспортна мрежа. Притоа наместо скапи инвестициски зафати, ќе се оди на подобрување на постојните патни правци, им порача Булц преку видеопорака на министрите од шесте балкански земји кои се сретнаа во Скопје.
Денеска во Скопје се одржува 10-от Годишен состанок на транспортната опсерваторија на ЈИЕ – СЕЕТО.
„Ние како министерство добивме околу 112 милиони евра, предложивме како Влада балансиран пристап, половина средства да се искористат во делот на железницата, односно последниот дел од пругата кон Бугарија од Крива Паланка до границата. Остатокот ќе се искористат за делницата Градско-Прилеп и за рехабилитација на делови од Коридорот 10, но исто така ќе има средства за урбан транспорт и за подобрување на безбедноста во делот на патниот сообраќај“, посочи министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Жан-Ерик Пакет, директор во Генералниот директорат за проширување на Европската унија, рече дека економијата ќе биде централна нишка на политиката за проширување во следните 5 години.
„Транспортната поврзаност мора да се подобри, а цел е да се направат краткорочни подобрувања преку реализирање една долгорочна агенда на развој на транспортните мрежи на Западниот Балкан“, нагласи Пакет.
Генералниот директор на МЖ Транспорт, Оливер Дерковски, најави дека до крајот на јануари или почетокот на февруари ќе пристигнат сите 150 товарни вагони – двата типа Е и С, додека со почетокот на летото кон крајот на јули или почетокот на август, на македонските пруги стигнува првиот патнички воз.
Министри и заменици-министри за транспорт од регионот и претставници на Европската комисија на состанокот дискутираат за прогресот на инфраструктурните проекти во западен Балкан за комплетирање на коридорите 8 и 10 и разменуваат искуства за изградбата на патиштата и железницата и за обезбедувањето финансии.
