Извозот во првите десет месеци од годинава со раст од 19,1%
Државниот завод за статистика објави дека вкупната размена во првите десет месеци бележи раст од 15,4 проценти...

Македонија во првите десет месеци од годинава извезла стоки во вкупна вредност од 4,143 милијарди американски долари, при што извозот забележал раст од 19,1 отсто. Увозот во овој период изнесува 6,088 милијарди долари и има раст од 12,9 проценти. Покриеноста на увозот со извоз е 68,1 отсто, а трговскиот дефицит изнесува 1,945 милијарди долари.
Државниот завод за статистика објави дека вкупната размена во првите десет месеци бележи раст од 15,4 проценти. Само во октомври годинава во однос на октомври лани извозот има раст од 15,4 проценти, а извозот од 8,7 проценти.
Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учество во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот, пак, најмногу се застапени суровата нафта, платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Најмногу стоки од Македонија се извезени во земјите од Европската унија, дури 76,8 отсто по што следат земјите од западен Балкан со 13,9 отсто. Од земјите-членки на ЕУ, воедно е извршен и најголемиот дел на увозот на стоки во Македонија или 64 отсто, по што следат неспомнати земји со 11,7 отсто.
Во првите десет месеци од годинава Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија со кои е реализирана 52 отсто од вкупната надворешно-трговска размена.
