Ракомет

Светското само сон

04.12.2014 14:34

И традицијата и успесите во минатото и подобриот биланс во директните дуели со противниците, се беше на страна на нашите ракометарки, но не и фактот дека сите работат, вложуваат и напредуваат, па прекуноќ нашата фаворитска улога се престори во аутсајдерска...

А се беше поинаку за нашата најдобра женска ракометна репрезентација пред само 4 месеци во Виена при извлекувањето на составот на групите од квалификациите за светското во Данска. Барем тогаш според сите проценки среќната ждрепка ни ја донесе фаворитската улога во конкуренција со Италија и Исланд. И традицијата и успесите во минатото и подобриот биланс во директните дуели со противниците, се беше на страна на нашите ракометарки, но не и фактот дека сите работат, вложуваат и напредуваат, па прекуноќ нашата фаворитска улога се престори во аутсајдерска.

Се покажа тоа уште со домашниот пораз од Италија, дека не станува збор за лош ден се потврди  на гости со вториот загубен натпревар, за дефинитивната потврда дека нашиот женски ракомет не само што е далеку од големите манифестации туку и од евентуално минување на првиот квалификациски филтер, се потврди вчеравечер во Рејкјавик.

Поразот од 10 голови разлика од селекција што во последните 2-3 години ги прави првите меѓународни исчекори е разочарувачки и уште повеќе загрижувачки.Што се случува со спортот во кој до пред неколку години бележевме врвни резултати и дали навистина ракометот е спорт број 1 кај нас погледнато низ призмата на женскиот репрезентативен ракомет ?

По се, саботниот реванш во Кале што ќе го гледаме и низ пренос на македонската телевизија ќе биде само формалност, но и можност за поправање на впечатокот пред домашната спортска јавност со прашањето: Што и како понатаму?