Вајгл: Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, а потоа да се решава разликата околу името

04.12.2014 15:16

Апсолутно е неприфатливо Комисијата шест последователни години да предлага преговорите да почнат, а ништо не се случува. Ова ќе биде мојот приоритет, изјави новиот известувач за Македонија во ЕП, Иво Вајгл...

Македонија треба да ги почне преговорите со Европската Унија, а потоа да се решава разликата околу името со Грција, оцени новиот известувач за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл. Тој истакна дека после шест позитивни препораки од Комисијата, нема причина земјата да стои во место.

„Апсолутно е неприфатливо Комисијата шест последователни години да предлага преговорите да почнат, а ништо не се случува. Ова ќе биде мојот приоритет. Мислам дека Македонија треба да ги почне преговорите, а т.н. проблем со името да биде главна кауза во односите со вашиот сосед и треба да биде решен во духот, Македонија да биде во подобра позиција од онаа во којашто е сега. Секој проблем се решава ако има некоја динамика. Затоа мислам дека за процесот треба да се создаде некоја нова динамика во дискурсот околу името. Мислам дека и Грција со разумна политика треба да демонстрира отвореност во решавањето на проблемите, а не вкопување во одбрамбените ровови“, изјави новиот известувач за Македонија во ЕП, Иво Вајгл.

На примопредавањето на функцијата се обрати и досегашниот известувач за земјава во Европскиот парламент, Ричард Ховит. Тој упати порака до актуелните политичари во земјава. Рече дека бојкотот не е одраз на зрела демократија и оти ваквите проблеми треба да се надминат.

„Надминувањето на проблемите е знак на зрела демократија. Политичките партии треба националните интереси да ги стават пред партиските. Внатрешните поделби не можат да се решат однадвор, тие треба да бидат решени внатре во државата“, изјави поранешниот известувач за Македонија во ЕП, Ричард Ховит.

Ховит упати порака и до земјите членки на Uнијата. Им порача кога зборуваат за целиот регион да не ја игнорираат Македонија, зашто како што рече, таа ќе се врати и ќе ве гризне!

 

Катерина Топалова