Коу истрча на патеката за претседател на ИААФ
Во моментов тој е потпретседател на ИААФ со желба во 2015 година да го наследи 80-годишниот Сенегалец...

Себастијан Коу ги открива првите поединости од својата кампања за избор на претседател на Светската атлетска федерација. Таа главно ќе се базира на трансформација на атлетскиот календар и на засилено привлекување на младите во овој спорт.
Во моментов тој е потпретседател на ИААФ со желба во 2015 година да го наследи 80-годишниот Сенегалец, Ламин Дијак кој најави повлекување од претседателската функција.Неговиот план е да ја зголеми привлечноста на атлетиката во светот кој брзо се менува.
„Многу работи внатре и надвор од нашиот спорт и нашиот календар делуваат неповрзано, нема приказна и битен „лепак“ за градење на возбудливи, лојални и страсни атлетски следбеници. Потребни ни се повеќе иновации, особено како на светот подобро да му го проектираме и презентираме нашиот спорт.“- вели Себастијан Коу.
Врз четири клучни се темели програмата на Коу.
1. Реформирање на светскиот атлетски календар и носење на атлетските натпреварувања во центрите на градовите.
2. Максимирање на комерцијалниот растеж и фокусирање на ангажман на младите.
3. Зголемување на средствата за анти-допинг.
4. Менување на внатрешната структура на ИААФ и давање на поголема гласност на атлетиката.
Себастијан Коу е 58-годишен Британец, еден од најдобрите тркачи на средни патеки во атлетската историја, светски рекордер на 800 метри и двоен олимписки шампион на 1500 метри на Игрите во Москва во 1980-та и во Лос Анџелес во 1984 година. Тој беше претседател на Организациониот одбор на Олимписките игри во Лондон во 2012 година.
