Транспортна мрежа: Ќе се модернизираат и доизградат постојните патни правци

04.12.2014 16:30

Со техничка и финансиска помош од Брисел, регионалната мрежа ќе стане дел од европските коридори....

Наместо скапа нова транспортна мрежа шесте земји од регионот ќе ги модернизираат и доизградат постојните патни правци, им порача на ресорните министри преку видео порака Еврокомесарот за транспорт Виолета Булц. Според неа, токму недовршените коридори се главна бариера за поголем прилив на странски инвестиции во регионот.

Со техничка и финансиска помош од Брисел, регионалната мрежа ќе стане дел од европските коридори.

„Ние како министерство добивме 112 милиони евра. Предложивме како Влада балансиран пристап. Половина од средствата ќе се искористат во делот на железницата, односно за последниот дел од пругата кон Бугарија од, Крива Паланка до границата. Остатокот ќе се искористи за делницата Градско – Прилеп“, изјави министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Со дел од овие пари ќе се рехабилитираат делови од коридорот 10, а ќе има средства и за урбан транспорт и за подобрување на безбедноста. МЖ- транспорт во 2015 – та ќе го заврши инвестицискиот циклус за набавка на транспортни вагони, а ќе пристигнат и првите патнички возови.

„До првата половина на февруари, согласно планираната динамика, ги добиваме сите 150 товарни вагони, од двата типа Е и ЕС“, изјави генералниот директор на МЖ Транспорт, Оливер Дерковски.

Економијата ќе доминира, најавуваат од директоратот за проширување, а регионалните правци се веќе дел од европската транспортна мрежа.

„Економијата ќе биде централна нишка на политиката за проширување во следните 5 години. Транспортната поврзаност мора да се подобри, а цел е да се направат краткорочни подобрувања преку реализирање долгорочна агенда на развој на транспортните мрежи на Западниот Балкан“, рече Жан-Ерик Пакет, директор на Директорат за проширување на ЕУ.

Се планира регионот да има 4.924 километри автопати, 3.354 километри пруги, 10 аеродроми и 7 морски и речни пристаништа. 

 

Свето Николовски