Хан очекува нормализиран политички дијалог во Собранието

04.12.2014 17:01

Политичката дебата треба да се води во парламентот, а не надвор од него- потенцираше комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ...

Сакам да ја видам опозицијата во Собранието, за таа цел следниот месец доаѓам во Скопје - оваа порака комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, на денешната средба му ја упати на вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими. Политичката дебата треба да се води во парламентот, а не надвор од него- потенцираше Хан.

„Навистина би сакал да видам, особено опозицијата да се врати во парламентот. И се што можам да допринсам за тоа, јас ке го сторам. Во таа насока плнирам да ја посетам Поранешната Југословенска Република Македонија во јануари следната година и да остварам средби со лидерите на различни политички партии со цел да се направи исчекор за напредок“, рече Хан

„Исклучително е важно овој процес да биде инклузивен, политичкиот дијалог да покаже резултати, со тоа што и опозицијата да биде во иснтитуциите, да има отворен политички дијалог и процесот на интеграцијата да биде со вклучување на сите поитички фактори“, нагласи вицепремиерот за евроинтеграции Бесими.

Во однос на евентуално новите инструменти и политики со кои Европската Комисија ќе се послужи за одблокирање на процесот на пристапување кон Унијата, Хан не сакаше предвреме да говори, потенцирајки дека засега се останува на одлуката на Советот на Европската Унија и нивното златно правило на консензус.

За новиот комесар особено е важен економскиот развој на земјата и инвестициите кои допринесуваат до подобрување на животниот стандарт, владеењето на правто , транспарентноста и поефикасна борба против корупцијата.

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ