Во јануари ќе проработи станицата за отпрашување во Макстил
Раководството се надева дека ќе ги исполнат сите параметри и ќе почнат со редовното производство кое го запреа пред повеќе од еден месец...

Во кругот на Железара интензивно се работи на изградбата на филтерската постројка. За месец дена треба да почне да работи системот за отпрашување во производствениот погон „Челичарница“. Раководството на Макстил се надева дека ќе ги исполнат сите параметри, и ќе почнат и со редовното производство, кое го запреа пред четирисесетина дена.
„На 31-ви октомври го запре своето производство на погонот челичарница, оттогаш нема никакви шанси да произведува затоа што уште во истиот момент почна демонтажата на старата опрема и оттогаш Макстил погонот челичарница буквално стои, нема никакви активности“, изјави Иван Бановски, генерален директор на Макстил.
А воздухот во Скопје пак е загаден, изминатите денови мерните инструменти покажуваат загаденост и до 7 пати повеќе од дозволеното. Екологистот Душко Христов, вели, филтрите нема да ги спасат скопјани од канцерогентите честички ПМ 10.
„Доаѓајќи наваму на семафорот од 10 автомобили само во два имаше по двајца луѓе. Возилата во голем дел го загадуваат воздухот. Граѓаните нема да се согласат, или ќе молчат мудро. Но тоа не е во ред“, смета Душко Христов, екологист.
И откажување од парното греење си го прави своето. Годинава за 3 пати е зголемена потрошувачката на дрва за огрев. Просечно, секој жител на Скопје вдишува 20 килограми отровни гасови годишно.
Во скопско Лисиче на пример, во денови со висока загаденост во воздухот беа измерени над 400 микрограми ситни честички на кубен метар воздух, што се десет пати над дозволеното.
Наташа Јанчиќ
