Жител на Бузалково пронајден мртов- прострелна рана причина за смрта
04.12.2014 17:15
23 годишниот Адил Сулејманов е пронајден мртов. Прострелна рана е причина за смрта. Убиство или самоубиство засега одговор нема. Јавното обвинителство и полицијата прават увид. Повеќе информации се очекуваат по завршување на истагата...

Ништо не навестувало дека вчерашното излегување од домот на Сулејманови ќе биде последно за 23 годишниот Адил. Тој со такси од родното Бузалково стигнал во Велес. И дотука работата е јасна.
Потоа според изјавите на неговите соселани му се губи трагата. На телефонските повици одговор немало. Загрижени за своето дете, утринава родителите започнале потрага.
Спред информациите до кои дојде МРТ, таткото на Адил барајќи го синот стигнал на семејниот плац во Велес . Таму во камп приколка со прострелна рана го нашол веќе мртов својот син.
Како настанала смрта на 23 годишниот жител на велешкото село Бузалково засега нема одговор. Oна што од полицијата успеавме да го дознаеме е дека кај нив некаде околу 12.30 часот пријавено е дека во плац на неговото семејство пронајдено е беживотното тело.
Екипи на полицијата и Јавното обвинителство прават увид. Официјална изјава нема.
Повеќе информации се очекуваат по завршување на истагата.
Дијана Иванова
