Размена

Македонија го пегла трговскиот биланс!

04.12.2014 18:14

Извозот расте побрзо од увозот, Македонија го пегла трговскиот дефицит. Државната статистика ги објави новите податоци за трговската размена, заклучно со октомври. Компаниите од слободните зони се главни „виновници“ за поизбалансираната размена на стоки и на услуги...

Македонија го пегла трговскиот биланс. Во десетте месеци од годинава, извозот пораснал за 19, а увозот за 13 проценти во однос на истиот период  минатата година, со што размената станала поизбалансирана. Покриеноста на увозот со извоз, од ланските 64,5%, се искачи на 68,1%.

Европската унија останува нашиот клучен пазар, со Германија како најзначаен трговски партнер на Македонија. Во размена со оваа земја имаме суфицит од над милијарда долари. Првата петорка „најголеми трговски партнери“, со кои остваруваме над половина од размената, ја комплетираат Велика Британија, Грција, Србија и Италија.

Водечките извозни производи на земјава, во најголем дел, се пласираат од слободните економски зони. Тоа се катализаторите на „Џонсон Мети“, машини и транспортни уреди на кои работат другите компании, а кај кои растот изнесува 94 проценти. Меѓу најтргуваните  извозни производи се и фероникелот и производите од железо и челик. МРТ веќе објави дека компаниите од зоните само годинава испорачаа производи во вредност од над милијарда евра.

„Тоа значи дека сме на добар пат да го оствариме она што го проектиравме, дека годинава ќе имаме зголемување од 50% на извозот од слободните економски зони, споредено со лани“, изјави Виктор Мизо, директор на слободните економски зони.

Во десетте месеци од годинава вкупната размена надмина 10 милијарди долари. Преку границите сме пратиле стоки и услуги во вредност од над 4 милијарди, а сме увезле во вредност од нешто повеќе од шест милијарди. Трговскиот дефицит е под две милијарди долари.

 

Мартин Пушевски