Убоди од нож- причина за смртта на Адил Сулејманов
Две убодни рани од нож во пределот на градите се причина за смртта на 23 годишниот Адил Сулејманов. Јавното обвинителство и полицијата направија увид. По наредба на Јавен обвинител телото е предадено на обдукција...
Не е прострелна рана, туку убоди од нож се причина за смртта на 23 годишниот Адил. Кој и зошто му ги нанел двете убодни рани во пределот на градите? Овие прашања си ги поставуваат сите, но одговор најмногу бараат неговите родители.
Болката е преголема за некој да застане пред камера, велат познаниците на Адил. Според нив, тој бил мирно момче, немал непријатели. Вчера попладне од семејниот дом во село Бузалково тргнал за Велес, наводно да го однесе лаптопот на поправка. Таксист го оставил во центарот на градот. И од таму му се губи трагата.
Родителите до доцна во ноќта чекале Адил да се врати дома. Неуспешни биле обидите да го добијат на мобилен. Утринава, за МРТ откриваат неговите блиски, започнала потрагата.
Го барале насекаде. Татко му стигнал до семејниот плац, во непосредна близина на индустриската зона УЗУС 2, и во камп приколката го пронашол веќе мртов својот син.
Како настанала смртта на 23 годишниот жител на велешкото село Бузалково засега нема одговор. Она што од полицијата успеавме да го дознаеме е дека кај нив некаде околу 12:30 часот пријавено е дека во плац на неговото семејство пронајдено е безживотното тело.
Дека смртта настанала како резултат на убод од нож, а не како што претходно неофицијално се говореше од прострелна рана, информираа од СВР Велес, додавајќи дека по наредба на Јавен обвинител, телото веќе е предадено на обдукција.
Дијана Иванова
