Судијка тужеше обвинети и го доби предметот
04.12.2014 19:15
Обвинетите се бранеа дека наводно погрешно биле разбрани. Судијката Весна Димишкова иако сериозно ги сфатила заканите за ликвидација, не побара пари како отшета....

Непромислен излив на револт или сериозна закана? Острите зборови упатени кон судијката што им изрече казни затвор, скапо ги чинеше двајцата обвинети во случајот „Детонатор“ кои се соочија со нова тужба за закана и добија нови две години робија. „Ќе подметнам бомба и ќе летнеш како гулаб“ – ова го рекол Јорданчо Михајлов кога ја слушнал пресудата. Поразумен не бил ниту Жан Железарски кој се заканил дека штом излезе од затвор, на парчиња ќе ја исече судијката.
Обвинетите се бранеа дека наводно погрешно биле разбрани. Судијката Весна Димишкова иако сериозно ги сфатила заканите за ликвидација, не побара пари како отшета.
„Никој нема право да го нарушува спокојот и мирот на луѓето. Пресудата изречена во случајот Детонатор е донесена со едногласна одлука на совет од пет члена. Иако се чувствувам оштетена, нема да барам надоместок, бидејќи ништо не може да го надомести немирот што го чувствувавме јас и моето семејство“ – изјави Димишкова.
Дека животот и е во опасност била предупредена и од МВР при што судијката извесен период била и под полициска заштита. Јавно проговори дека посредници и роднини на обвинетите повеќе пати ја предупредувале да внимава при изрекување на казните додека траел процесот „Детонатор“, за што Димишкова прв пат јавно проговори на крајот на судењето.
„Можеби јас ќе летнам како гулаб, но ќе дојде друг судија кој ќе ви суди и правдата ќе биде задоволена“ – рече тогаш Димишкова.
Заканите во судница ги потврдија и припадниците на судската полиција кои минатиот декември беа распоредени во салата и присуствуваа на изрекувањето на пресудата.
Анита Димитријевска
