Седми „Скопје постер фестивал“ во МКЦ

05.12.2014 09:10

Жирито на Фестивалот, кој е во организација на Здружението за графички дизајн Плакарт и МКЦ, и ќе трае до 20 декември, ќе треба да избере победници од вкупно 2.023 постери...

Седмото издание на Скопје постер фестивал почнува вечер во Младинскиот културен центар. Под мотото „Дизајн за мир“ Меѓународниот студентски конкурс за плакат годинава ќе опфаќа идејни решенија за графички дизајнери кои на исклучителен начин ја искористиле својата креативност. 
 
Жирито на Фестивалот, кој е во организација на Здружението за графички дизајн Плакарт и МКЦ, и ќе трае до 20 декември, ќе треба да избере победници од вкупно 2.023 постери.
 
На отворање на изложбите ќе бидат објавени двајца победници на седмиот конкурс „Дизајн за мир“ кои ќе бидат наградени со организација на нивна изложба од страна на Плакарт за време на 8.Скопје постер фестивал, со учество на авторите на победничките постери во жирито на наредниот конкурс, како и со престижен сертификат од Светската асоцијација на дизајнерски здруженија Icograda. Taков сертификат ќе биде доделен и на еден од македонските учесници кои жирито иницијално ги избра во потесната конкуренција од 100 најдобри постер решенија.
 
Директорот на Скопје постер фестивал и основач на Здружението на графички дизајнери Плакарт, Лазе Трипков рече дека изложбата вклучува и пораки на дечиња од различни етнички групи на возраст од 9 до 11 години, кои заедно работеле изминатиот период и креирале пораки за мир.
 
Во рамки на Фестивалот утре во МКЦ ќе се одржи и првата регионална дизајн конференција, која ќе ја опфати темата „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“.