Американците не се откажуваат од правото на носење оружје и негова употреба во самоодбрана

05.12.2014 10:42

Иако во САД до оружје лесно може да се дојде, сепак мнозинството граѓани сметаат дека построгите критериуми за набавка нема да ја зголемат безбедноста, бидејќи криминалците не купуваат оружје во продавници...

Деветмина од десет Американци поседуваат оружје. Секои 16 минути во Америка некој е убиен со огнено оружје. Секоја минута до продавачите стигнуваат по 40 барања за купување на оружје. Најновите податоци на ФБИ за 2013-та година, покажуваат дека 186 илјади Американци добиле дозвола за купување на оружје без соодветна проверка.

„Ако ги погледнете статистичките податоци, бројот на оние кои што употребуваат оружје за да се одбранат себеси или својот имот е навистина голем. Се проценува дека близу 2 милиона пати годишно се употребува оружје во самоодбрана. Кога се воведува рестрикција на оружјето, тоа не важи за криминалците коишто илегално доаѓаат до него, туку им го одземате правото на граѓаните коишто го почитуваат законот“, изјави Ханс Вон Спаковски, експерт од фондацијата Херитиџ.

Правото на оружје е загарантирано со вториот амандман на американскиот устав. По вооружените напади врз училишта, кино сали и по инцидентот во Фергусон кога полицаец застрела невооружен тинерџер, се повеќе Демократи вклучувајќи го и претседателот Обама сакаат построги правила за поседување и употреба на оружје. 

„Да се купи оружје во САД е релативно лесно. Особено за е лесно криминалците. Приврзаниците на контролата на оружје сакаат да воведат построги услови за луѓето коишто го почитуваат законот и сакаат да се одбранат. Многу ретко некој со дозвола за оружје ќе пука во училиште. Во земјава има 3 милиони парчиња оружје и нивниот број нема да се намали во скоро време“, вели Тревор Барас, експерт од институтот КАТО.

Некои држави забрануваат носење на скриено оружје, па може да се поседува само во домовите. Сепак, мнозинството Американци веруваат дека построгите правила за набавка на оружје нема да ја подобри безбедноста во земјата, туку дека треба да се казнуваат сопствениците на продавници за оружје коишто не прават темелни проверки на купувачите.

Мината година во САД биле произведени меѓу 2 до 3 милиони парчиња оружје од помал калибар, што биле продадени преку мрежа на 48.000 продавници.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ