Манифестацијата „Богојавление- Водици“ во Охрид добива интернационален карактер

05.12.2014 10:53

Музичката мега ѕвезда, Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот Зоран Милески се новите кумови на верско- народната манифестација „Богојавление-Водици“ во Охрид. На овој начин манифестацијата се интернационализира, а охриѓани очекуваат на спектакуларното празнување да присуствуваат повеќе илјади гости...

Музичката ѕвезда Жељко Јоксимовиќ и бизнисменот од Кичево, Зоран Милески се новите кумови на една од најголемите и најатрактивните црковно- народни манифестации во Охрид и регионот „Богојавление- Водици“. Милески беше пресреќен што заедничката апликација со Јоксимовиќ беше прифатена од Здружението „Богојавление“, чија интенција одамна беше проширување на манифестацијата надвор од границите на Македонија.

„Јас уште од дете сум скокал по крстот и веќе четири години конкурирам за кум на Водици. Огромна е честа што денеска го добивме кумството јас и мојот пријател Жељко Јоксимовиќ“, изјави бизнисменот Зоран Милески.

Сеуште актуелниот кум на манифестацијата и градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески рече дека на овој начин се надминуваат границите на Македонија и дека празникот се претвора во една туристичка атракција.

„Овој празник стана едно од препознатливите обележја на градот Охрид, кој што станува атрактивен за голем број на гости и туристи, не само од Република Македонија, туку и од соседните и поодалечените европски држави“, нагласи градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Богатата програма се очекува да започне три дена пред празникот, а хотелиерите и угостителите ќе понудат привлечни цени за туристите.

„Со оглед на тоа што меѓу нас ќе имаме една балканска звезда како кум, морам да кажам дека хотелиерите и агенциите зедоа активно учество и веќе нудат аранжмани од 20 до 25 евра за престој во Охрид, бидеќи знам дека од соседна Србија ќе имаме премногу гости“, изјави Љупчо Арнаудов, претседател на Здружението „Богојавление.

Градоначалникот Бакрачески ги повика сите граѓани од Македонија и верниците од регионот да дојдат во Балканскиот Ерусалим и на најдобар и најдостоинствен начин да го одбележат празникот.

 

Сашо Нелоски