Женската популација и децата најзагрозени од трговијата со луѓе

05.12.2014 12:16

Преку кампањата „Крени го гласот против трговијата со луѓе“ ќе се зголемува јавната свест за идентификација и заштита на жртвите од ова зло...

Иако е 21-ви век трговијата со луѓе се уште е присутна и актуелна во светот. Женската популација и децата најзагрозени. Годинава поднесени се три кривични пријави за трговија со луѓе. Пријавени се четири сторители, од кои една жена. Институциите идентификувале осум жртви, но многумина сеуште не се откриени.

„Во годините зад нас направивме низа значителни организациски и законски промени во насока на создавање реални и ефикасни институционални и човечки капацитети за справување со овој облик на криминал, пртиоа, стандардизирајќи ги нашите нормативно функционални перформанси со оние на земјите од Европската унија“, нагласи министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Преку кампањата „Крени го гласот против трговијата со луѓе“ ќе се зголемува јавната свест за идентификација и заштита на жртвите од ова зло.

„За жал и денес, после толку донесени конвенции, стратегии и мерки, многу од жртвите остануваат неидентификувани и се предмет на експлоатација без можност за пристап до правата. Со цел да се заштитат и да им се помогне, од огромно значење е жртвите да се идентификуваат правилно“, изјави Стојна Димишковска од Здружението „Отворена порта“.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, потврди дека посебно внимание се посветува на проактивната улога на социјалните работници, пред се во идентификацијата на жртвите, преку мобилни тимови, со што се зголемува ефикасноста во идентификацијата, упатувањето и заштитата на жртвите на трговија со луѓе.