Една година од новата одисеја на Македонскиот народен театар
В недела МНТ ќе понуди богата целодневна програма, во рамки на која ќе се одржи голем театарски маратон...

Новата одисеја на Македонскиот народен театар почна со оваа реплика: „Запишано е од Ерусалим во Македонија ќе појдеш“.
За една година, прерасна во симбол на театарската уметност во нашата земја. Во овој период, на сцената се одиграле повеќе од 150 претстави кои ги гледале околу 83.000 посетители. Имало 5 премиери од кои две копродукции.
„Го чекавме, го сонувавме, го мечтаевме овој нов театар. Со години седејќи во она запуштено баракче, што навистина кога се случи минатата година отворањето и првата премиера овде, мене лично не ми се веруваше“, изјави актерката Искра Ветерова.
На оваа сцена настапи и славниот лондонски театар „Глоуб“. Од тука ја почна двегодишната светска турнеја за одбележувањето на 400-годишнината од смртта на Вилијам Шекспир.
„Нашата единствена цел беше овој објект да е наменет токму и во функција за културата, за нашите уметници, за подобрување на условите за работа, за соработка со светските и европските театри“, изјави министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.
В недела, на годишнината, во новиот објект на Македонскиот народен театар ќе има 24-часовен театарски маратон.
Александра Перевска
