Чепишевски и Блажевски продолжуваат со „уривање“ рекорди
Со вториот рекорд на првенството, Чепишевски се пласира на место 60 во конкуренција на 109 натпреварувачи...

На СП во Доха македонските пливачи трет ден едноподруго имаа рекордни остварувања. Најпрвин во трката на 50 метри грбно Горазд Чепишевски исплива за 26 секунди и 56 стотинки со што за 24 стотинки го подобри државниот рекорд кој и досега беше во негова сопственост, поставен пред 3 години во Зрењанин. Со вториот рекорд на првенството, Чепишевски се пласира на место 60 во конкуренција на 109 натпреварувачи.
Уште подобар резултат оствари Марко Блажевски, кој на 200 мешано исплива за една минута 58 секунди и 99 стотинки, со што го подобри досегашниот рекорд на Александар Миладиновски од 2.03.77 кој беше поставен на 10 декември 1998 година во Шефилд. Со својот трет рекорд на мундијалот во Катар, Блажевски се пласира на 23 место од вкупно 55 пријавени пливачи.
Утре Блажевски ќе плива на 100 метри мешано а Чепишевски е слободен, а задутре во последниот ден на шампионатот Марко ќе настапи на 200 делфин, додека Горазд ќе плива на 200 метри грбно.
