Иванов до Туск: Што ќе изгуби Грција доколку Република Македонија добие датум за почеток на преговорите?
Претседателот посочува дека со само еден гест, како што е деблокадата на Република Македонија, би се создала поголема доверба и атмосфера во која билатералната разлика ќе биде надмината...

Во писмото упатено по повод стапување на функцијата претседател на Советот на Европската Унија, претседателот на државата Ѓорге Иванов побара од Доналд Туск помош за деблокада на евроинтеграцијата на Република Македонија.
„Сакам да побарам од Вас, како пријател на двете држави, прашањето за деблокада на status quo состојбата во која се наоѓа Република Македонија да го отворите пред Европскиот совет. Клучно прашање што верувам дека треба да се постави до премиерот Самарас е: што ќе изгуби Грција доколку Република Македонија добие датум за почеток на преговорите? Зарем не е во интерес на Грција на својата северна граница да има европски сосед со повисоки европски стандарди, критериуми и вредности, кои би важеле не само за македонските граѓани, туку и за грчките туристи и стопанственици кои доаѓаат во Република Македонија? Ве уверувам дека Република Македонија сака најдобри можни односи со нашиот јужен сосед. Нашите две општества немаат никакви проблеми. Република Македонија и Република Грција се политички и стратегиски поврзани“, стои во писмото од претседателот Иванов до Туск.
Претседателот посочува дека со само еден гест, како што е деблокадата на Република Македонија, би се создала поголема доверба и атмосфера во која билатералната разлика ќе биде надмината, а тоа недвосмислено ќе придонесе и кон стабилноста, просперитетот и благосостојбата на целиот регион на Југоисточна Европа.
