Економија

Потпишан е договорот со ЕБОР: 305 милиони евра за инвестиции во инфраструктура

05.12.2014 14:40

305 милиони евра за изградбата на втората делница од пругата кон Бугарија, за три експересни патишта и еден автопат. Потпишан е договорот со ЕБОР за заемот со кој во земјава стартува новиот инвестициски циклус во инфраструктурата...

Македонија и ЕБОР си подадоа рака. Потпишан е договорот за реализација на крупни инфраструктурни проекти во делот на железницата и патната инфраструктура.

ЕБОР проектите, кои треба значително да го зголемат протокот на луѓе и стоки од земјава, ќе ги финансира со вкупно 305 милиони евра. Од нив, 145 милиони се за втората делница од пругата кон Бугарија која станува реалност. На првиот сектор веќе се работи, изградбата на вториот стартува кон средината на 2015-та.

„Со завршување на оваа пруга на Македонија ќе и се отвори железнички пристап до пристаништата на Црното Море, со што ќе се обезбеди нова рута за македонските производи и ќе се зголеми трговската размена меѓу Македонија, Турција и Косово“, изјави Сју Барет, директорка за транспорт во ЕБОР.

Заемот од ЕБОР е добиен со камата од 1,16%. Парите ќе ги враќаме во наредните 15 години со четиригодишен грејс-период, а ефектите ќе бидат големи.

„Тоа ќе значи ангажман на домашни фирми и работници, подигнување на БДП за време на реализацијата на овие проекти, а долгорочно ќе се подобри конкурентноста на економијата, бидејќи ќе се отворат нови патни правци, а Македонија ќе има подобра патна инфраструктура. Тоа ќе помогне со овие средства, со најмали можни проблеми, да се реализираат проектите, а притоа да се задржи ниското ниво на задолженост на Република Македонија“, објасни вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

160 милиони евра се наменети за три експресни патишта: Градско – Прилеп, Штип – Кочани и Охрид – Пештани, но и за автопат од Струга до Требеништа. Ако се има предвид дека во моментов се градат и три автопати, јасно е дека градежната оператива е пред сериозен предизвик.

„Македонија е едно големо градилиште, бидејќи се реализираат голем број инфраструктурни проекти“, нагласи Миле Јанакиески, министер за транспорт и врски.

Заемот за железницата оди преку Владата, за патиштата преку надлежната Агенција.

„За железницата да биде конкурентна во однос на другите начини на транспорт, потребни се инвестиции за модернизација и изградба на инфраструктурата“, рече Ирфан Асани, директор на ЈП МЖ - Инфраструктура.

„За нас е економски приоритет сите региони во Македонија со магистрални патишта да се поврзат со меѓународните транспортни коридори“, изјави Љупчо Георгиевски, директор на Агенцијата за државни патишта.

Дел од патиштата ќе се градат идната година, дел во 2016-та.

 

Мартин Пушевски