Се зајакнува процедурата за извршување на пресудите- ОМО Илинден против Бугарија
Комитетот на министрите на Советот на Европа го засилува следењето на начинот на кој Бугарија ги извршува двете пресуди за ОМО Илинден, посебно откако Регионалниот суд од Благоевград одби да ја регистрира организацијата...

На последниот состанок на Комитетот на Министрите повторно беше отворено прашањето за извршувањето на пресудите во двата случаи ОМО Илинден против Бугарија, тој од 19.01.2006 и 18.10.2011 година.
Според она што успеавме да го дознаеме, со оглед дека состанокот се одвива според редовната процедура зад затворени врати, повеќе земји принципелно се заложиле да Бугарија доследно ги спроведе овие пресуди. Посебно откако Регионалниот суд од Благоевград на 30 јуни годинава повторно одби да ја регистрира организацијата ОМО Илинден, со скоро истите образложенија кои беа дадени и во претходните одбивања, поради што Бугарија беше осудена од Европскиот суд за човекови права за непочитување на правото на слободно здружување.
Комитетот изразил задоволство од напредокот и дополнителните мерки преземени од бугарските власти, но притоа забележал дека тие не се доволни да се спречат нови одбивање на регистрацијата на ОМО Илинден или слични други здруженија, при што изразил и жалење. Комитетот посебно инсистирал идните барања за регистрација да бидат во согласност со одредбите на членот 11 од Конвенцијата, кој се однесува на слободата за здружување.
Од тука одлуката на Комитетот на Министрите на Советот на Европа, да ја зајакне процедурата на мониторинг врз Бугарија за овид два случаи и да се оди во насока на целосно извршување на пресудите.
Бугарија притоа била охрабрена да продолжи да состработува со Службата која работи на извршување на пресудите и да го информира Комиетот за понатамошниот развој во однос на овие случаи.
Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, будно ја следи целокупната постапка за овие предмети, и исто како и во другите случаи принципиелно се залага за целосно извршување на пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Со оглед дека најновото барање е во процедура на апел пред судот во Софија, Комитетот на министрите на Советот на Европа одлучи повторно да го разгледува случајот на идниот состанок во јануари 2015.
Тони Гламчевски
