Дефект на електричен апарат- најверојатна причина за пожарот во училиштето „Јан Амос Коменски“
Откако густ чад почнал да се шири низ училиштетото, децата уплашени со своите наставници панично избегале од просториите оставајќи ги зад себе книгите, школскиот прибор и ранците...

Секојдневието во „Јан Амос Коменски“ набргу се претворилo во хаос. Наместо училишното ѕвонче, наставата ја прекинаа пламените јазици од подрумските простории каде што работат хаус- мајсторите. Откако густ чад почнал да се шири низ училиштетото, децата уплашени со своите наставници панично избегале од просториите оставајќи ги зад себе книгите, школскиот прибор и ранците.
Директорката Арсовска објаснува дека вработените го гаснеле пожарот, а потоа интервенирале пожарникарите.
„Пожарот веднаш се изгасна од вработените, имаше повеќе дим, децата ги евакуиравме, се беше во ред, нема повредени“, изјави Емилија Арсовска, директор на „Јан Амос Коменски“.
Празни училници, искршени прозорци, на ваква слика наидовме откако беше локализиран пожарот. Предизвикана е помала материјална штета.
Дефект во електричната инсталација најверојатно го предизвикал пожарот кој избувнал во подрумот во „Јан Амос Коменски“ веднаш по пожарот сите деца биле евакуирани.
Според некои информации причинител може да биде греалка или електричен апарат.
Екипите на МВР вршеа увид во училиштето. Во училиштето „Јан Амос Коменски“ во Карпош учат околу 600 основци.
Викторија Тодоровска
