Идентификацијата на жртвите најголем предизвик во борбата против трговијата со луѓе

05.12.2014 16:50

Во Македонија годинава се поднесени три кривични пријави за трговија со луѓе против четворица, од кои една е жена. Институциите идентификувале осум жртви, но многумина се уште не се откриени...

Иако е 21-ви век, трговијата со луѓе е се уште присутна. Најзагрозени се жените и децата. Сексуална , трудова, принуден брак, питање се формите на експлоатација.  Идентификацијата на жртвите е еден од најголемите предизвици. Тое е и првиот чекор за да се заштитат.

„За жал и денес, после толку донесени конвенции, стратегии и мерки, многу од жртвите остануваат неидентификувани и се предмет на експлоатација без можност за пристап до правата“, изјави Стојна Димишковска од Здружението „Отворена порта“.

Во Македонија годинава се поднесени три кривични пријави за трговија со луѓе против четворица, од кои една е жена. Институциите идентификувале осум жртви, но многумина се уште не се откриени.

„Во годините зад нас направивме низа значителни организациски и законски промени во насока на создавање реални и ефикасни институционални и човечки капацитети за справување со овој облик на криминал“, нагласи министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

Жртвите ги откриваат и им помагаат мобилни тимови од социјални работници. Во прифатниот центар им се овозможува психофизичко закрепнување, рехабилитација и реинтеграција, особено на децата.

„Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи посветно да работи на градење на капацитетите на професионалците од центрите за социјална работа, подигање на јавната свест кај општата популација и организирање кампањи за намалување на ранливоста“, изјави министерот Диме Спасов.

Во фокусот на Националната конференција за координирана борба против трговијата со луѓе беше  трудовата експлоатација.

Преку кампањата „Крени го гласот против трговијата со луѓе“ ќе се зголемува јавната свест, пред се кај младите за идентификација и заштита на жртвите од ова зло, како и да не паднат во мрежата од која многумина профитираат на туѓа мака.   

 

Наташа Гркова-Петрушевска