На студентите им треба пракса за директно да се вклучат на пазарот на труд
Покрај теоријата на студентите им е потребна и пракса во компаниите за директно да се вклучат на пазарот на труд по нивното завршување на студиите. Преку глобалната програма за размена на АИСЕК, ќе волонтираат во големите фирми. Оние што ке покажат резултати менаџерите велат ќе ги задржат на работа...

Кога ќе излезе од Економскиот факултет, Тамара Илиевска сака да биде кадар што ќе го препознаат компаниите. Со над 150 студенти е дел од глобалната програма за размена која го поттикнува нивниот лидерски потенцијал.
„Многу компании доаѓаат во АИСЕК и не бараат во нивните компании зашто знаат на колку проекти работиме и на колку пракси се вклучуваме и знаат дека работиме за да се изградиме во личности што им требаат“, вели Тамара Илиевска, студент на Економски факултет.
Според Коста Петров, сопствиник на компанија, младите имаат многу опции, само треба да бидат пофлексибилни, да ги искористат.
„Секогаш како луѓе ги гледаме само негативните работи и мислиме дека нема излез. Денеска имаше луѓе што постигнале многу“, вели Петров.
За студентите да постигнат многу во општеството, економски ја одржува соработката со бизнис-заедницата.
„Ако не им дадате можност за практични вештини да ги искористат на пазарот на трудот и да бидат препознатливи во светот, тогаш не сте постигнале вистински успех“, изјави Билјана Секуловска- Габeр, продекан за настава на Економскиот факултет.
„Праксата покажува дека практикантите кои имаат поминато неколку циклуси обука во банката претставуваат најдобро поле, најдобар пулс за идни регрутации“, вели Олгица Спасевска, директор на службата за човечки ресурси во банка.
Голем број компании доделувајќи стипендии ги поттикнуваат младите да се запишат на некоја од насоките на Економскиот факлутет. Над 1000 студенти секоја година се запишуваат на некоја од 7- те насоки.
Наташа Јанчиќ
