Кредитирањето ќе продолжи, падот на каматите го стимулира градежништвото

05.12.2014 17:19

Не запира изградбата на станови и деловни простори. За фирмите со добри проекти и биланси, нема да има ограничувања и кредитирањето на нивните активности ќе продолжи и в година. НЛБ Тутунска банка по седми пат е прогласена за банка на годината...

Историски најниските камати, кои во последниот квартал се симнаа под 3 проценти годишно, го раздвижија станбениот пазар. Се градат се повеќе станови и деловен простор, а градежниците се максимално ангажирани. Цената на капиталот која ја следи референтната стапка на Централната банка и конкуренцијата, се главни причини   за падот на каматите, велат банкарите.

„За десетте месеци кредитирањето пораснало за 7 проценти во однос на истиот период лани, што е во корелација со растот на БДП и економската активност“, изјави генералниот директор на НЛБ Тутунска банка, Ѓорѓи Јанчевски.

Поради празниците во првите месеци, овој тренд на опаѓање на камати нема да продолжи со оваа динамика, како во 2014-та, вели Јанчевски. За фирмите со добри проекти и биланси нема ограничувања и кредитирањето на нивните активности ќе продолжи и в година, иако анализите велат дека дадените кредити кај населението се поголеми од пласманите во стопанството.

Треба да се размислува и за алтернативни извори на финансирање кои имаат голем потенцијал. Инвестирањето во пензиски фондови во странство се користи во голем обем, но кај нас, тие имаат скромни можности.

„Што во просек е некаде околу 3,5 до 4 евра по жител. Стандардите надвор се многу повисоки, некаде над илјада или неколку десетици илјади во најразвиените држав“, вели Давор Вукадиновиќ, НЛБ Нов пензиски фонд.

Градежните фирми имаат обезбедено доволно средства за инвестирање, а поголемиот дел е од банките. Само во септември добиле одобренија за изградба на 448 станови, од кои најмногу во метрополата 296, а само во Аеродром 132.

 

Свето Николовски