Иванов бара од Туск поддршка за деблокада на евро-интеграциите
Претседателот Иванов упати и забелешка поради двојните стандарди и недоволната посветеност на Унијата кон Македонија. Како аргумент ги посочува позитивните примери од регионот, Словенија- Хрватска и Белград - Приштина...

Поголема ангажираност во однос на евроинтеграцискиот процес на земјата. Тоа е главното барање од претседателот Иванов упатено во честитката до Доналд Туск за назначувањето на позицијата прв човек на Советот на Европската Унија. Притоа, потсети на шестте последователни препораки од Европската комисија- Македонија да ги започне преговоите, како и на Хашката пресуда во која недвосмислено е наведено дека Грција во 2008-та година на Букурешкиот самит ги прекрши меѓународно преземените обврски.
„Во пресрет на Европскиот Совет сакам да побарам поддршка за деблокадата на нашата држава, бидејќи поради предолгата status quo состојба Република Македонија се соочува со сериозни предизвици кои создаваат фрустрации во македонското општество, нестабилност во политичкиот живот и тензичност во меѓуетничките односи“, е наведено во писмото.
Претседателот Иванов упати и забелешка поради двојните стандарди и недоволната посветеност на Унијата кон Македонија. Како аргумент ги посочува позитивните примери од регионот, Словенија- Хрватска и Белград - Приштина. Таму е применет принципот на паралелно движење на преговорите за членство и надминување на билатералните разлики, но не и во случајот со Македонија.
Од Кабинетот на претседателот на Советот на Европската унија во Брисел, денеска не можеа да дадат каков било одговор за писмото на македонскиот председател. Портпаролот на Туск, Пребен Аман, најави реакцијата во текот на следната недела.
Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ
