Димовски: Јавно се закануваат со оставки на мандати, тајно ни праќаат пораки да не им се одземат

05.12.2014 17:42

Владејачката партија очекува пратениците на СДСМ да се вратат во Собранието и да си ја извршуваат работата. Во Македонија, вели Димовски, нема никој освен 31-от пратеник што 6 месеци не оди на работа, а прима плата...

СДСМ води двојна политика - јавно се заканува, нуди оставки на пратеничките мандати, а нам тајно и дискретно ни праќа пораки дека не би сакале да им се одземат мандатите, вели Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија очекува пратениците на СДСМ да се вратат во Собранието и да си ја извршуваат работата. Во Македонија, вели Димовски, нема никој освен 31-от пратеник што 6 месеци не оди на работа, а прима плата.

„Најдобро за Република Македонија и за институциите е пратениците на СДСМ да си ја извршуваат својата работа онака како што сите други пратеници ја извршуваат. Но, ваквата состојба којашто СДСМ ја проектира- на јавни закани, силења, уценувања, не може да трае на долг рок“, изјави Димовски.

Според портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, спикерот Вељаноски не ја зборувал вистината кога соопштил дека седницата на која требаше да се верификуваат оставките на опозициските пратеници е одложена со заемна согласнот.

Шилегов ги знае околностите под кои се случи тоа, возврати првиот парламентарец Вељаноски. Неговата изјава тој ја разбира само како потреба да се покрие, како што стои во дописот од неговиот кабинет, срамот на штетната политика на СДСМ.

Без намера да дозволам како претседател на Собранието на Република Македонија да бидам вовлечен во дневни препукувања, би сакал да потсетам на неколку факти што им се познати и на медиумите и на јавноста. Прво, прес-конференцијата на самиот Петре Шилегов веднаш по одлагањето на седницата за констатирање на оставките и второ, средбата на Груевски и Заев неколку дена подоцна, доволно говори за тоа кој ја зборува вистината, вели Вељаноски во дописот до медиумите.

Претседателот на Собранието апелира до СДСМ за разумност. Парламентот е дом на сите граѓани,а мојата улога, вели,е во него да овозможам политички дијалог.

 

Милчо Велески