Светски ден на волонтери: Хуманата мисија значи многу

05.12.2014 17:52

Несебичното давање помош и поддршка е димензија која човекот го прави човек...

Димитар Каракулев е 46 годишен полициски службеник од Кавадарци. Уште од средношколските денови хуманите мисии му биле предизвик. Многу животни лекции научил од нив, но и на многумина им помогнал. Сведочи за поплавите во соседството. Вели сите деноноќно собираа хуманитарна помош.

„Повик до сите млади волонтери да продолжат да волонтираат и да го дадат својот максимум бидејќи така ќе бидат многу посреќни, поисполнети. Јас волонтирајќи во организацијата во Црвениот крст стекнав многу големо искуство кое понатаму ми беше водилка во животот“, изјави Димитар Каракулев- волонтер во Црвениот крст Кавадарци.

Само минатата година над 5 илјади волонтери во земјава активно се вклучиле во хуманитарни активности.

„Даваа здравствени и социјални услуги на најранливите категории население, организираа активности за социјална инклузија и промена на дневната рутина каде што беше потребно, спасуваа животи и се грижеа за безбедноста на плажи, базени, планини“, изјави Милчо Трајков, претседател на Црвениот крст на РМ.

Во светот има 17 милиони волонтери- кои според проценките им помагаат на над 180 милиони лица годишно.

Несебичното давање помош и поддршка е димензија која човекот го прави човек. Хуманост е да се одвои дел од слободното време и да им се помогне на оние на кои што им е најпотребно.

 

 

Андријана Атанасовска