Експерти: Обединување, а не разединување за Македонија да решава големи теми
Ружин и Никовски апелираат реформите да продолжат за граѓаните да почувствуваат бенефит. Малески,пак, смета дека Македонија треба да излезе од Балканската орбита за да влезе во ЕУ и во НАТО...

Пораките од новиот и поранешниот известувач за земјава во Европскиот парламент, Вајгл и Ховит, внесоа кислород во нашето општество. Вака македонските аналитичари ги толкуваат тезите што ги изнесоа двајцата дипломати на вчерашното примопредавање на функцијата.
Не се сомневаат во желбата и емоциите на словенецот кој ќе не претставува во Европскиот парламент, велат, тој ќе се залага, но, во неговите можности. Она што сериозно треба да се сфати е пораката упатена за домашните политичари.
„Неединството во земјата ни е најголем хендикеп во однос на сите клучни прашања, во конретниот случај околу името, блокадите со кои сме соочени во НАТО и ЕУ, Мислам дека е крајно време нашите политичари да се замислат за се што прават, водејќи сметка дека земјата и нејзината надворешна позиција по самитот на НАТО во Букурешт во 2008-та година слабее“, смета поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
„Ние пред да направиме еден успешен функционален демократски систем, каде што после многу расправии, кавги ако треба, согласувања- несогласувања, ќе излеземе со заеднички став на меѓународната сцена. Се додека тоа не го постигнеме, Македонија не може да решава големи теми“, објаснува универзитетскиот професор Денко Малески.
Професорот Нано Ружин смета дека една од клучните пораки на странските дипломати вчера е единството во сите сегменти и градењето културни споменици кои ќе го срушат разидинувањето.
„Како што рече и самиот Вајгл- сепак е оптимист. Тој го разбира балканскиот темперамент на непослушност и на постојано барање на нешто ново. Се заложи ако веќе се градат некои форми на единство во државата, да се изградат симболи кои што ќе не спојуваат“, вели Ружин.
Тројцата се согласни дека работите најмногу зависат од завршените задачи дома. Ружин и Никовски апелираат реформите да продолжат за граѓаните да почувствуваат бенефит. Малески,пак, смета дека Македонија треба да излезе од Балканската орбита за да влезе во ЕУ и во НАТО.
Катерина Топалова
