Што мислат експертите од „Вилсон Вудроу“ центарот во Вашингтон за Македонија?

06.12.2014 14:15

Главниот американски град е место каде многу странски научници и експерти доаѓаат на студиски престој во некој од престижните институти во Вашингтон. Што мислат за Македонија, експертите од Швајцарија, Латвија и Јапонија?

Ерик Јенкенс од Швајцарија вели американскиот претседател Барак Обама ја изгуби харизмата и не е веќе најмоќен светски лидер. Тој во престижниот Вилсон Вудроу Центар во Вашингтон проучува кој е лидерот број еден на денешницата. Бидејќи е роден во Германија, а работи во Швајцарија, многу добро ја познава и Македонија.

„Знам многу за Македонија, сум бил двапати пред две-три години. Последен пат бев на свадба во Македонија и многу ми се допадна, навистина знаете како да прославувате“, изјави Ерик Јенкенс- професор на Универзитетот во Цирих, Швајцарија.

Андис Кудорс од Латвија во Вилсон Вудроу Центар го проучува руското влијание преку руската православна црква. Македонија е земја со прекрасни цркви, но сепак сите религии се застапени и еднакво се почитуваат, ова навистина ми се допаѓа бидејќи на дело може да се види слободата на исповед, вели Андис којшто двапати бил во Македонија.

„Бев во Македонија во 2006-та и 2007-ма. Ми се допаѓа Македонија. Бев во Скопје и во Охрид. Ми се допаѓаат Македонците коишто се многу гостољубиви и ми се допаѓа македонската музика, мелодии што се навистина нешто посебно“, вели Андис Кудорс, извршен директор на Центар за источно европски студии во Рига, Латвија.

Никогаш не сум била во Македонија, но слушајќи од моите колеги во Вилсон Вудроу Центар за Македонија би сакала да ја посетам, вели Казуми Ногучи, професор од Универзитетот Кобе во Јапонија којашто го проучува социјалниот ефект на болестите.

„Овде се трудам да интервјуирам што е можно повеќе луѓе од американската влада и од невладините организации, и моите сознанија за ефектите од Сида би сакала да ги објавам во книга“, изјави Казуми Ногучи, професор на женскиот универзитет Кобе во Јапонија.

Казуми, Ерик и Андис на заминување ни порачаа дека наскоро ќе ја посетат Македонија за да го видат новиот изглед на Скопје.

Центарот Вилсон Вудроу, именуван според поранешниот американски претседател е еден од навлијателните институти во Вашингтон.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ